|
СОСТОЈБАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Во ноември 1996 година на сила стапи првиот кривичен законик на Република Македонија во кој беше содржано кривичното дело од чл. 191 - “Посредување во проституција”, кој ја воведе и инкриминацијата содржана во чл. 418 -”засновање на ропски однос и превоз на лица во ропски однос”. Овие два члена се воведени во согласност со меѓународните документи кои ја регулираат оваа материја.
Со воведувањето на член 418-а “трговија со луѓе”, кој стапи на сила во јануари 2002 година, Република Македонија прави чекор напред во борбата против трговијата со луѓе.
На 30.03.2004 година во Службен весник на Република Македонија беа публикувани измените на член 418-а, а исто така во кривичниот Закон на РМ се воведоа и два нови члена, член 418-б и член 418-в.
Член 418-а
1. Тој што со сила, сериозна закана доведува до заблуда или други форми на присила, грабнување, измама , со злоупотреба на својата положба или состојба на бременост, немоќ на друг или со давање или примање на пари или друга корист поради добивање на согласност на лице кое има контрола на друго лице врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа лица заради експлоатација по пат на проституција или други облици на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
2. Тој којшто врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа деца или малолетни лица заради експлоатација на овој член Ќе се казни со затвор најмалку осум години.
3. Тој којшто ќе одземе или уништи лична карта, пасош или друга туѓа идентификациона исправа заради вршење на делото од ставовите (1) и (2) на овој ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
4. Тој којшто користи или овозможува на друг користење на сексуални услуги од лице за кои знае дека е жртва на трговија со луѓе ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
5. Ако делото од став (4) на овој член е сторено со дете или малолетно лице сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.
6. Ако делото од став (1) го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
7. Предметите и превозните средства употребени за извршување на делото, се одземаат.
Криумчарење на мигранти
Член 418-б
1. Тој што со сила или со сериозна закана дека ќе нападне врз животот или телото, со грабнување, измама, од користољубие, со злоупотреба на својата службена положба или со искористување на немоќта на друг илегално пренесува мигранти преку државната граница, како и тој што прави, набавува или поседува лажна патна исправи со таква цел, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
2. Тој што врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа мигранти, ќе се казни со затвор од една до пет години.
3. Ако при вршењето на делата од ставовите 1 и 2 е загрозен животот или здравјето на мигрант, или со мигрантот се постапува особено понижувачки или сурово, или се спречува тој да ги користи правата што му припаѓаат според меѓународното право, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години.
4. Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено со малолетно лице, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години.
5. Предметите и превозните средства употребени за извршување на делото, се одземаат.”
Организирање на група и поттикнување на
извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење на мигранти
Член 418-в
1. Тој што организира група, банда или друго здружение за вршење на кривични дела од членовите 418-а и 418-б, ќе се казни со затвор најмалку осум години.
2. Тој што ќе стане припадник на група, банда или друго здружение од ст. 1 или на друг начин ја помага грубата, бандата или здружението, ќе се казни со затвор најмалку една година.
3. Припадник на групата од ст.1 кој ќе ја открие групата пред да стори кривично дело во нејзиниот состав или за неа, ќе се ослободи од казна.
4. Тој што повикува, поттикнува или поддржува извршување на кривичните дела од член 418-а и 418-б, ќе се казни со затвор од една до десет години.”
Р. Македонија на 28.09.2004 година го ратификуваше го Палермо протоколот.
Имено, инспирацијата за воведувањето на чл. 418-а во нашиот кривичен законик, беше од понудените решенија во протоколот, со што овој член е донесен во согласност и врз основа на чл.3 од протоколот.
Во почетокот на 2001 година, Владата и насочи на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција да спроведе Национален програма за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, која стапи во сила во 2002 година.
Целта на оваа програма е целосна, подетална и координирана активност на сите субјекти кои се инволвирани во борбата против трговијата со луѓе. Со националната програма се предвидени активности за истражување на причините кои влијаат на трговијата со луѓе и илегалната миграција, откривање на носителите на криминалните дејствија, начинот на нивното дејствување и поврзаност со меѓународните групи и поединци, мерки за превентивно дејствување од овие појави, кривично гонење на носителите на овие појави на сите нивоа, како и мерки за заштитата на жртвите на овие активности.
Сето ова дава позитивни шанси за борбата против трговијата со луѓе, на Владиниот и невладиниот сектор кои ја играат клучната улога во борбата против овој феномен.
Македонија е една од малите и сиромашни земји во Источна Европа. Проблемот на зголемувањето на трговијата со жени е всушност знак на спориот и болен курс на промени во нашето општество. Нереалните визии на Македонците за полесен живот на западот исто така придонесе за ширење на феноменот на трговијата со жени. Не помалку важен е, и начинот на кој младите Македонски жени ги доживуваат промените, тешкото донесување одлуки и одбирање на алтернативи за самостоен живот.
Да се знае нешто за феноменот на трговијата со жени неопходно е да се разбере начинот на кој младите жени живеат и се чуствуваат во својата земја. Исто така е важно да се знае како се чуствуваат кога се во странство. Зголемениот број на жени кои заминуваат на запад во барање на нивната шанса е нов феномен за нашата земја. Директната врска со трговијата со жени е очигледна.
Поминаа повеќе од дваесет години кога ентузијазмот за надминување на стереотипите за жените го обиколи Европскиот свет. Феминистичките тенденции се појавија и луѓето почнаа да зборуваат за феминизмот. Но наместо да се борат за своите женски права, Македонските млади жени денеска се загрижени за секојдневните прекршувања и ограничувања во својата земја.
Како и другите земји во регионот, Македонија покажува зголемена трговија и присуство на странски жени во земјата. Проблемот е влошен во последните пет до шест години поради транзицијата, Косовската криза, зголеменост на организираниот криминал и непочитување на граничната контрола и правните форми низ цела Источна Европа.
Web страната на Отворена Порта е финансиски поддржана од
UNICEF и Ла Страда 
|
|