Трговија со луѓе

ОПШТ ПРЕГЛЕД НА ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ

Што е трговија со луѓе?

    Трговијата со луѓе е меѓународен проблем и претставува модерна форма на ропство. Во процесот на трговија со луѓе најсурово се искористува човечкото тело и труд  при што на жртвите им се прекршуваат основните човекови права, почнувајќи од ограничување на движење, па сè до насилство и злоупотреба. Најчесто се случува во сексуалната индустрија, градежниот и земјоделскиот сектор, но, исто така, и во приватните домаќинства препознаени како сектори со слаби колективни права. Наспроти глобалните залагања за спречување, овој феномен сè уште опстојува.
    Трговијата со луѓе како феномен е предизвикан од различни фактори кои се јавуваат во сите фази на процесот на трговијата со луѓе: во земјите на потекло (невработеноста, сиромаштијата, војни, политичка нестабилност, лоши социјални услови, родова нееднаквост) во земјите на дестинација (побарувачка за евтина работна сила или репресивни миграциони политики) и за време на миграцијата (недостаток на безбедни и легални можности за миграција). Како претходница на набројаните фактори свој удел имаат и насилството, посебно семејното насилство, сексуалната злоупотреба, дискриминацијата, родителската запоственост, ниското ниво на образование и  недостатокот на животни вештини.
     Потрагата по подобар живот, можностите за вработување, подобрата заработувачка, потрагата по поквалитетно образование или, пак, желбата да се откријат нови земји комбинирано со недостатокот на информации придонесува за донесување на неинформирани одлуки коишто многу лесно можат да бидат искористени од страна на трговците.
Кога станува збор за бројот на жртви на светско па дури и на државно ниво невозможно е да се даде конкретна, точна и општоприфатена статистика. Различни засегнати страни, вклучувајќи меѓународни организации, институционални партнери и невладини организации применуваат различни техники за собирање податоци и користат различни индикатори.
    Покрај ова постојат и други причини поради коишто не може да се даде точна бројка која ќе ја отслика реалноста, како, на пример: голем број на непријавени случаи; слаба идентификација; страв да се пријави случајот од страна на жртвите бидејќи се или биле под закана од страна на трговците; страв да не бидат притворени како илегални мигранти поради постоење на различни законодавства; недоверба во надлежните институции коишто го спроведуваат законот а често се случува жртвите да не се препознаваат самите како жртви.
Спротивно на стереотипот дека трговијата со луѓе, главно, се случува во сексуалната  индустрија а жртвите се млади и наивни жени, голем дел од тргуваните лица во целиот свет, всушност, се мажи и тоа најмногу, со цел, за трудова експлоатација.
Меѓународната заедница многу одамна започна да се залага и да гради политики, да изготвува и имплементира конвенции, а државите, пак, да изготвуваат стратегии и национални акциони планови за спречување и справување со овој феномен, но, за жал, и по многу години, трговијата со луѓе сè уште е присутна, во неразвиените земји, земјите коишто се во развој како и во економски развиените земји, во поствоени и земји коишто се во војна, накратко речено трговијата со луѓе претставува глобален проблем и ниедна земја не е имуна на овој феномен.
    Иако трговијата со луѓе претставува заеднички проблем за сите земји на светско ниво, сепак, различни земји користат различни пристапи и ја третираат на различни начини. Многу од земјите ја препознаваат трговијата со луѓе како сериозно прекршување на човековите права но, сепак, не пружаат соодветна помош, поддршка и заштита  на тргуваните лица.
Дури и кога во одредени случаи е понудена краткорочна помош, недостасуваат долгорочни решенија, како што се, пристап до пазарот на трудот, или добивање на долгорочна дозвола за престој (ако тргуваното лице не сака или не може да се врати во својата земја).
    Генерално, државните политики тежнеат и се концентрираат на мерките во областа на контрола на криминалитетот и миграциските политики а многу помалку на заштитата на човековите права на тргуваните лица.
Градењето на политики за борба против трговија со луѓе во коишто ќе се имплементира пристапот на почитување на човековите права овозможува соодветно адресирање на причините за појава на трговијата со луѓе коешто, пак, од друга страна, ќе придонесе за зајакнување на ранливите групи.

  • СОЗДАДИ НАДЕЖ Хуманитарен базар на ракотворби


    СОЗДАДИ НАДЕЖ е мотото под кое во очи на Светскиот ден на бегалците ќе се одржи продажен хуманитарен базар на ракотворби кои ги изработиле бегалци. 
    139 лица бегалци и мигранти изработија преку 100 парчиња накит, украси и слики како дел од 15 работилници за арт терапија одржани во транзитните центри Табановце и Винојуг, како и во прифатниот центар Визбегово. 
    Ракотворбите ќе бидат на продажба, а собраните средства ќе се употребат за поддршка на потребите на бегалците и мигрантите во Македонија.
    Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите, спроведен од Македонско здружение на млади правници во соработка со Отворена Порта - Open Gate: La Strada Macedonia ве кани да бидете дел од овој настан и да придонесете кон зајакнувањето на јавната свест за бегалците и кон добросостојбата на овие лица.
    USAID Macedonia #withrefugees #refugeeday 

    Дознајте повеќе!
  • ЈАВЕН ПОВИК за избор на најдобар мултимедијален производ на тема „Трговија со луѓе

    Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена Порта
    објавува:

    ЈАВЕН ПОВИК
    за избор на најдобар мултимедијален производ на тем
    „Трговија со луѓе“

    Предмет на јавниот повик е избор на 3(три) најдобри мултимедијални производи на тема ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ. Младите од Р. Македонија може да аплицираат на конкурсот со мултимедијален производ кој што користи компјутер и било која комбинација од три или повеќе од следниве дигитални медиумски видови: текст, звук, видео, графика и анимација. Креативниот и иновативниот мултимедијалниот производ треба да биде од едукативен и информативен карактер и да ја обработува темата трговија со луѓе.  За повеќе информации отворете го следниов линк: Јавен оглас за мултимедијален производ.pdf

    Дознајте повеќе!
  • ЈАВЕН ПОВИК за избор за најдобра новинарска статија на тема ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ

    Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена Порта
    објавува:

    ЈАВЕН ПОВИК
    за избор за најдобра новинарска статија на тема
    ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ

    Здружението на граѓани „Отворена Порта‘‘  распишува јавен повик за избор за најдобра новинарска статија на темата ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ. Оваа награда има за цел да придонесе во борбата против трговијата со луѓе и да ја зголеми јавната свест во однос на овој проблем и да ја подобри идентификацијата.

    за повеќе информации отворете го следниов линк: Јавен оглас за новинари.pdf

    Дознајте повеќе!
  • Соочување со траумата преку арт терапија- работилница за бегалци и мигранти

    Во периодот од 6ти до 10ти февруари, во Центарот за баратели на азил во Визбегово се одржаа пет од петнаесет планирани работилници наменети за бегалците и мигрантите баратели на азил, со методот на терапија со уметност- или арт терапија.

     

     На овие работилници учествуваат 45 лица на различни возрасти, кои доаѓаат од Сирија, Иран и Косово. Арт терапијата претставува креативен пристап кон соочувањето со доживеана траума. Учесниците имаат прилика да изработуваат накит, да цртаат и сликаат, притоа комуницирајќи со терапистите, во разговор, но и преку уметничката творба. Приодот на арт терапијата овозможува лицето и терапистот да се поврзат преку творбата, која претставува фокус за дискусија и анализа.

     

    Дополнителна цел на овие работилници е да ја подигнат самодовербата, но и јавната свест за сериозноста на состојбата во која се наоѓаат бегалците и мигрантите. Работилниците се дел од Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите, спроведен од страна на Македонско здружение на млади правници во соработка со Отворена порта/Ла Страда.

                                             

     

     

     

    Дознајте повеќе!
  • Огласот е затворен -ОГЛАС ЗА ПРИВРЕМЕНО АНГАЖИРАЊЕ НА КОНСУЛТАНТИ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЈАВНИ НАСТАНИ „СПОДЕЛУВАЊЕ НА ЖИВОТНИ ПРИКАЗНИ“
    Дознајте повеќе!
  • Дознајте повеќе!
Видеа
  • МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА BAN HUMAN TRAFFICKING
    МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА BAN HUMAN TRAFFICKING
  • Трговијата со луѓе и трудова експлоатација на нашиот континент
    Трговијата со луѓе и трудова експлоатација на нашиот континент
  • КРЕНИ ГО ГЛАСОТ ПРОТИВ ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ- 2 дел
    КРЕНИ ГО ГЛАСОТ ПРОТИВ ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ- 2 дел
  • Спречи, Заштити, Надомести
    Спречи, Заштити, Надомести
  • Медиумска кампања „Крени го гласот против трговијата со луѓе“ -1 Дел
    Медиумска кампања „Крени го гласот против трговијата со луѓе“ -1 Дел
  • Банер Хана
    Банер Хана
Донатори
Top